“Book Descriptions: „Се знае и за ѓаволските книги што си ги читала. А се знае што чуваш во ковчежиња и дека си го уби свршеникот. Си станала сукубус. Знаете што е тоа?“ Иако им се обрати на стражарите и Тобиас, не се се заврте кон никој од нив, туку со перверзна надменост гледаше во Луција. „Ајде, ти барем си читала, знам дека знаеш. Народот ги вика сукуби, женски демони, мачат мажи, ги снеможуваат, им ја крадат силата.“
Почеток на XVIII век. Палењата вештерки низ Европа се стивнати, но не и исчезнати. За време на неделна миса во катедралата, шеснаесетгодишната Елисавет здогледува таинствена туѓинка и во истиот миг се опседнува со мистеријата околу неа. Луција Лилит Абдеел, омажена за локален благородник, покрај таинственоста, во новиот град со себе ги носи и гласините дека била осомничена за вештерство.
Самаел, црковниот прислужник и другар од детството на Елисавет, наоѓа начин да ја пикне на работа во богаташкиот дом на туѓинката. Од ден на ден Елисавет гледа и сфаќа дека гласините за нејзината господарка не се неосновани, но од ден на ден и нејзината верност кон неа сѐ повеќе расте.
Елисавет, Самаел и Лилит стануваат нечисто свето тројство во обидот Луција да избега од несаканиот брак со човекот кој ја спасил од клада.
„Не горат благородници, Елисавет, запомни го тоа. Горат гревовите како мене и тебе.“” DRIVE