“Book Descriptions: „Неми филмови“ е збирка од дванаесет подолги и пократки раскази кои заокружуваат една концептуална целина. Неслучајно, драматургијата на редоследот со кој се подредени овие раскази е силно поткрепена од стилот, тонот, атмосферата на самата наративност и нивната промена на крај. Оттука, делото започнува со истоимениот расказ „Неми филмови“, кој суптилно ни го наговестува она што понатаму следи, а тоа е дека расказите во оваа збирка, иако содржински различни, се поткрепуваат и надополнуваат во темите кои ги обработуваат. Филмската уметност е еден од заедничките именители на ова дело: филмот како метафора или како концепт за време. Неретко, приказните го истражуваат односот помеѓу филмското и реалното време, така што, многупати ликовите се впуштаат во некоја интимна, метафизичка борба во која не можат да си го најдат ниту времето, ниту местото. Заедничко за расказите е што тие се случуваат на места ослободени од топоними, но со сите особености на мали, провинциски места. Ликовите од расказите мечтаат со скромна невиност својствена на оние кои не интелектуализираат. Во потрага по својата осаменост којашто напати е невозможна во малите заедници, ликовите бесцелно се впуштаат во дискусии за филмовите, музиката, фудбалот, па дури и езотеричноста на самиот живот. Од друга страна, во овој ракопис сеприсутен е и мотивот на семејството, односно мотивот на домот и поимот за дома. Во секој нареден расказ се чувствува постепена градација во однос на чувствата, описите и внатрешните дилеми, но и на видливата промена на стилот и техниките на наративност. Така, ако љубовта и животот од една комична точка на почетокот преминуваат во апсурд некаде на средина, на крајот заземаат форма на неизмерна тага. Раскажувајќи во прво лице, се чини како нараторите „секогаш да раскажуваат еден ист расказ“, како што тврди протагонистот од расказот „Величествената убавина“, и „во тој расказ, на крајот секогаш некој умира“. Затоа, на „Неми филмови“ може да се гледа како на албум од кратки мигови, или пак како на еден краток сон и она малку што се зачувува од него откако ќе се разбудиме.” DRIVE